Вселувањето во нов дом значи и внимателно планирање на секој негов детаљ. Кујната често е централното место во домот – кој не ужива во добра храна? 🙂
За највкусните рецепти да ги преточите од хартија (или екран) во реалност, секогаш е подобро лесно и брзо да можете да функционирате во кујната. Притоа, не ви е потребна огромна кујна, потребно е само кујната да е добро организирана, без неред.
Ова се неколку совети како кујната да работи за вас (а не обратно 🙂 )
Извадете сè надвор и одлучете што останува, а што си оди
Буквално, комплетно испразнете ги сите фиоки и останати елементи во кујната и поставете ги сите предмети на едно место. Колку од овие работи не ви затребале со години? И зошто ни требаат 15 тенџериња и тави кога готвиме сè во максимум 4, до 5? Добро размислете што ќе задржите, а што ќе подарите на некој на кој повеќе од вас му треба тавата која ја купивте во 1998 мислејќи дека ќе ви се најде, но сè уште е во кутијата 🙂 Доколку имате предмети кои не ги користите, но сакате да ги задржите бидејќи ви значат, ставете ги на страна.
Групирајте според намената
Во различни „купчиња“ групирајте ги предметите кои ќе ги задржите и кои ги користите. P.S. Доколку допрва купувате предмети за во кујна, сликите во оваа блог објава може да ви користат и како чек-листа за купување 🙂
Поделете ја кујната на практични „области“
Ова ќе ви овозможи полесно да функционирате низ просторот, а исто така ќе биде полесно повеќе луѓе да работат одеднаш во кујната. Секогаш водете се според правилото: она што најчесто го користите, треба да ви е најблиску (во најгорната фиока од подниот елемент или на првата полица од висечкиот елемент)
- Сервирање и складирање
Висечкиот елемент е најдобар за чиниите, чашите, шолјите за кафе и слично. За подниот елемент, најпрактична е употребата на фиоки, бидејќи кај елементите со вратички скоро секогаш треба нешто да поставите во позадина, и потоа ова ќе ви биде тешко да го дофатите без да ги отстраните предметите кои се понапред. Приборот за јадење оди во најгорната фиока, во втората фиока следат хартијата за печење, кесите за пакување, вреќичките за ѓубре и сите додатоци кои ви се потребни за полесно складирање на храната. Во најдолната фиока поставете ги садовите за пакување храна. Практичен совет е да поставите преградичка во фиоката за да можете капаците да ги поставите вертикално за да ви се секогаш на дофат.
- Чистење и отпад
Просторот под мијалникот наменете го за средствата за чистење и за корпите за отпад. Бидете совесни кога го фрлате отпадот и секогаш сортирајте го. Под мијалникот одделните корпи за отпад може да ги поставите на основа која се извлекува, за поголема прегледност.
- Подготовка на храна
Просторот меѓу мијалникот и шпоретот/рерната, е најпрактичен кога е наменет за предмети кои ви помагаат при подготовката на храната: сецкање, мешање и слично. Првата фиока може да биде поплитка, и исто како и во секцијата за сервирање, ножевите, дрвените лажици, црпалките, маталките – одат во првата фиока. Под нив, се што ви треба за печење и дополнителна подготовка, ренде, садови за мерење, пециво, калапи за печење мафини, зрнца за украсување колачи, цедалка, тајмер и слично. Во најдолната и најдлабока фиока, сместете ги миксерот, садовите за мешање, поголемите калапи за печење, а со посебни прегради на фиоката вертикално поставете ги даските за сецкање и сервирање, како и потенките садови за печење.
- Готвење
Тенџерињата, тавите и останатите садови за готвење поставете ги во помали фиоки веднаш до шпоретот. Тавите, како најтенки, најдобро е да одат во првата, најплитка фиока. Под нив, поставете ги тенџерињата и капаците кои ќе ги поставите вертикално, а најдолу оставете место за останатите садови за готвење кои се повисоки или кои може да ги наредите еден врз друг.
Уредете со детали според вашиот стил и потреби
За крај, дајте и на кујната свој печат. Доколку сте љубител на растенија, засадете нане, босилек, оригано или друго зеленило во малечки садови и поставете ги на различни начини низ кујната. За оние кои дома го пијат утринското еспресо, направете дома мини кафе-станица. Поставете ги на дофат работите кои најчесто ви требаат. Бонус совет – колку помалку работи имате на површината, толку посредено ќе делува кујната. Се што можете да закачите на ѕид, ќе ви помогне дополнително просторот да изгледа отворено и средено.