Што ја прави тинејџерската соба суперкул? Секако уредувањето мора да биде уникатно и со личен печат на вашиот тинејџер и да одговара на неговиот немирен дух.
Не постои еден одговор на прашањето како да уредите соба на детето што веќе не е дете, но не е ниту возрасно. Но еве неколку насоки и идеи што ќе ви помогнат да го најдете вистинскиот дизајн.
Поделете ја собата на зони според активностите. На тој начин просторот ќе изгледа визуелно поголем. Ќе ги нагласите зоните доколку ги обоите ѕидовите во различни бои. Во зоната за учење употребете посветла боја, затоа што светлото тука е важно. Зоната за релаксација нека има длабока, потемна боја, а во зоната кај плакарот внесете дел од карактерот на тинејџерот.
Работната маса поставена спроти ѕид е класика, но пробајте на пример да ја поставите среде соба, така што тинејџерот да гледа кон прозорецот за да има убав поглед и доволно светлина. Можете едниот ѕид да го претворите во огромна „огласна“ табла.
За да не го затрупате работниот простор и работите да бидат добро организирани, употребете висечки елементи на ѕидот и фиоки под бирото. Една од фиоките може да биде наменета за грицки, зашто дополнителна енергија при учење и повремени паузи секако ќе му бидат потребни. Работна ламба со силна насочена светлина е неопходна, за да не му се заморуваат очите. Неопходно е бирото да е лесно подвижно и да ослободува простор, на пример, за кога ќе се соберат другарите.
Бидејќи зоната за релаксирање се испреплетува со зоната за спиење, овој дел од собата треба да биде што е можно пофлексибилен. Употребете таванска штосна завеса или друг тип параван за да ги одвоите просторот за учење и за релаксација – додека тинејџерот учи да не го гледа креветот, и обратно – кога се релаксира, да не мисли на учење.
Доколку во собата треба да има телевизор, поставете го на ѕидот – така ќе ослободите значаен простор на подот.
Изразувањето на сопствената личност е значаен дел од животот на еден тинејџер, па затоа нема потреба да ги криете личните предмети кои тој и онака многу ги сака. Направете комбиниран шкаф, со отворен дел во кој би биле видливи инструментите, доколку тинејџерот сака да свири, или други предмети во зависност од неговите афинитети. Во затворениот дел, пак, сместете ги нештата што треба да останат лични.
Ѕидните закачалки се огромна помош за максимизирање на просторот во мала соба. И тука може да си поиграте и да ги изберете такви што да одговараат на желбите на тинејџерот.
Слично како шкафот за чување различни предмети, постапете и со плакарот за облека. Дел нека биде отворен, дел затворен, со полици и закачалки, зашто и облеката што ќе се гледа ќе му додава карактер во просторот.
Огледало на вратата од плакарот е речиси задолжително, пред сè, за долгометражното средување на фризурата и разгледување на аутфитот од сите страни. Но од друга страна, тоа ќе му даде дополнителна димензија на малиот простор и ќе рефлектира повеќе светлина.
Погледнете ја целата галерија: