Генералниот директор на градежната компанија „Голден Арт“, Ивица Јакимовски е избран за претседател на Градежната комора на Македонија при Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК). Компаниите членови на Градежната комора на Македонија, на годинешното собрание едногласно му го доделија мандатот за следните две години.
„Создавање подобра бизнис клима за компаниите од градежниот сектор, соработка со институциите особено во поглед на прилагодување на законската регулатива, зајакнување на членството во комората и предлагање конструктивни мерки, како и поддршка на енергетската ефикасност преку следење на светските трендови во градежништвото се најзначајните активности на кои ќе работиме заедно со компаниите членови на комората во насока на задржување на стабилноста и просперитетот на градежништвото во Република Македонија“, изјави Јакимовски и додаде дека одговорноста која му ја доверија компаниите претставува дополнителен поттик со засилено темпо да ја води Градежната комора која е отворена да соработува со сите чинители во секторот, експерти, бизнисмени, институции како и образовен кадар со цел развој на оваа значајна стопанска гранка.
Приоритет на Градежната комора на Македонија е барањето за продолжување на повластената даночна стапка од пет отсто за данокот на додадена вредност (ДДВ) за продажба на станбен простор, со оглед на фактот дека во услови на регистриран пад во градежништвото во последните неколку месеци ова е една од мерките за која треба идно решение.
„Во услови на зголемувањето на даночната стапка на ДДВ за становите, очекувано е да следи намалување на номиналната вредност на приходи во буџетот по основ на ДДВ поради очекувањата за намалување на прометот на станови за три пати, намалување на вработеноста во градежниот сектор и последователно на сите комплементарни дејности, поточно на 26 поврзани гранки поради намаленото производство на станови“, изјави Јакимовски.