Барате идеи кои ќе Ви помогнат да ги освежите ѕидовите? Секој празен ѕид е можност да ја ослободите вашата креативност и да го претворите новиот стан во дом 🙂 Доколку сте подготвени да ги претворите обичните, бели ѕидови во стилски места кои ќе внесат свежина во просторот, продолжете со читање.
Без разлика на стилот на уредување, може да ги искористите овие 10 трикови за да го истакнете вашиот стил и вкус.
1. Одберете слики со големи димензии
„Едно, но вредно“ е секогаш одличен избор кога се работи за деталите во домот. Дури и во помала просторија, уметничко дело или врамена фотографија со големи димензии ќе изгледа одлично и елегантно.
2. Создадете фото-галерија на ѕидот
Ништо не може да му даде душа на просторот како вашите омилени моменти, испечатени, врамени и закачени на ѕидот. Доколку сакате да постигнете елегантен и модерен ефект, рамките и фотографиите нека бидат со исти димензии, додека пак за поразигран, бохо стил – може да се одлучите и за различни рамки и фотографии. Во секој случај, резултатот ќе биде одличен!
3. Огледалата се секогаш одличен избор
Огледалата рефлектираат светлина, со што се постигнува ефект на поголем и посветол простор. Како бонус, убавите огледала се кул место за mirror selfies 🙂
4. Насликајте мурал/поставете тапет
Дозволете ѕидовите да ве транспортираат на друго место со одбирање на интересен мурал кој ќе го акцентира просторот. Без разлика дали ќе одберете да го насликате ѕидот (или некој да го наслика наместо вас 🙂 ), или пак ќе се одлучите за интересен тапет – мотивот кој ќе го одберете ќе остави силен впечаток во секоја просторија.
5. Персонализирана мапа
Првиот заеднички одмор, заедничките моменти поминати заедно низ светот, местото каде сте се запознале. Има толку убави моменти низ животот – заслужуваат да се врамени и изложени. Има толку многу дизајни кои може да ги одберете – мапа на цел свет на која со иглички ќе ги означите сите места кои сте ги посетиле, или пак персонализирана мапа на одредена локација која е посебна за вас. Што и да одберете, ќе внесе дел од вас во просторијата.
6. Растенија на ѕидот
Доколку имате ѕид кој е на добро осветлено место, тој може да послужи како совршено место да ги закачите растенијата на ѕид, на интересно декорирана позадина.
7. Ѕидни панели
Во зависност од бојата и материјалот на ѕидниот панел, на овој начин може да внесете доза рустичност и топлина во просторот. На сликата која ја одбравме како инспирација е прикажан дрвен панелен ѕид со водоотпорен премаз во маслинесто-зелена боја.
8. Модерни ѕидни светилки
Во комбинација со вашата омилена уметничка слика, па дури и без никаков додаток – ѕидните светилки обезбедуваат дополнителен извор на светлина и служат и како декорација, без да зафатат дополнителен простор на подот.
9. Полици за најубавите сеќавања
Книги, сувенири, слики, свеќи за романтична атмосфера – полиците се одличен избор за предмети кои раскажуваат приказна за себе.
10. Додадете табла за пишување
Таблите се совршен функционален детал за секоја канцеларија, детска соба, па дури и кујна. Таблите во класична црна и темно зелена боја додаваат рустичност, додека пак таблите во бела и други, повесели бои се модерната замена на традиционалната табла.