Крајот делото го краси. Нашите градежни екипи ги изведуваат завршните работи во станбено – деловниот објект „Golden Art“, лоциран зад „Тобако 2“ во Стар Аеродром. Периодов интензивно работиме на довршување и целосно опремување на санитарните јазли, а паралелно сме посветени на поставување на паркетот во становите и на внатрешните и надворешните врати во рамки на целиот објект. Од бескомпромисниот квалитет не отстапуваме ниту во финалната фаза од изградбата на станбената зграда.
За максимална удобност на идните станари, се одлучивме во становите да вградиме првокласен лакиран паркет од стопроцентно природно дрво на врвниот норвешки производител „БОЕН“ (BOEN AS). Распространетоста на нивните производи во повеќе од 40 земји од четири континенти во светот и иновативната технологија на производство на паркет од 1953 година, ја гарантира врвната подна површина во нашите станови. Уште од 1641 година, лојалните и работливи луѓе на „БОЕН“ произведуваат разновидни производи од дрво добиени од пространите норвешки шуми.
Покрај паркетот од највисока категорија, во изминатиов период ги поставивме надворешните и внатрешните врати во целата станбена зграда. По специјална нарачка од нашата компанија, висококвалитетните врати се произведоа во фабриката „Мебел Ацевски“ од Скопје. Заедно со сигурносните брави на секоја од надворешните врати и постигнувањето максимална звучна изолација на станбените простории, вградените врвни врати обезбедуваат и имплементирање на строгите мерки за енергетска ефикасност, бидејќи со нивната изведба се спречува испуштањето на топлинска енергија надвор од станот.
Собните врати се дизајнирани и изработени по мерка. Користени се високо-квалитетни суровински материјали од Италија, а површинската обработка е со CLPL (Continuous Low Pressure Laminate) ламинат во дрво декор (Natural Oak). Предноста на CLPL ламинатот, како нов тренд кај материјалите за површинско обложување, е тоа дека е материјал кој е произведен 100% на целулозна основа, принтот не содржи тешки метали, нема емисија на формалдехид, и нема дисколорација при лепење на рамни елементи (пр. вратно крило) и заоблени елементи (пр. каса, первази). Вградени се трокраки шарки и магнетни брави, а исполната на крилото е со хартиено саќе.