Ракометната Федерација на Македонија на вчерашниот состанок на УО донесе одлука со која во македонската Супер лига ќе се натпреваруваат 16 клубови, наместо досегашната бројка од 12. Со тоа во најсилната лига влегуваат најуспешните четири екипи од Првата лига. Со ова Р.К. “Golden Art KL7” од следната сезона станува суперлигаш.
Целта на клубот кој од август 2019 стана нов ракометен субјект во Првата лига, беше влез во Супер лигата преку квалитетен тренажен процес и професионален развој на младите играчи. Стратегијата до која се држи и работи Р.К. “Golden Art KL7” е афирмација на млади македонски талентирани играчи, која покажа резултати во досегашниот дел од првенството.
Со овој чекор напред и учество во најсилната домашна лига ќе се засили и досегашната обемна работа, но и мотив за постигнување на повисоки резултати. Со ангажманот на талентираните млади домашни играчи, максимална посветеност и работа покажавме дека може и мора да се даде можност на нашите ракометари.
Р.К. КЛ7 во март се ребрендира и, на наше големо задоволство, во Супер лигата ќе настапува со ново име Р.К. “Golden Art KL7”.
Уште од самите наши почетоци пред 15 години, се трудиме да работиме максимално општествено одговорно, а во последните 5 години, активно се вклучивме во поддршката на младите и спортот. Со долгорочни цели поставени на здрави основи, дисциплина и континуирана професионална посветеност Р.К. “Golden Art KL7” продолжува во Суперлигата.
Да потсетиме, заради вонредната ситуација во светот а со тоа и во Македонија, РФМ беше приморан да го заврши првенството. При тоа одлучи да нема прогласување на шампион.
Сите посакуваме час поскоро животот да се нормализира и спортистите да се вратат онаму каде што припаѓаат, на терен во сала. Дотогаш, тренираме во домашни услови, ги почитуваме препораките и ги полниме батериите за предизвиците кои доаѓаат.