Здравствените установи во Македонија, од денес се побогати за 85 неинвазивни респираторни машини и 24 кислородни концентратори!
Доколку едно нешто научивме од кризата, тоа е дека денес треба да се подготвуваме за предизвиците кои не очекуваат утре. Токму затоа, заедно со компаниите Mega од Куманово, Greemak Group и Акустик ДОО, комплетно се посветивме да го дадеме нашиот придонес кон подобрувањето на здравствениот капацитет во нашата држава.
Општествената одговорност е вредност кон која како компанија се стремиме уште од нашите почетоци пред 15 години, и така и ќе остане.
Им благодариме на сите лекари, медицински сестри и останатиот медицински персонал кои деноноќно неуморно работат за справување со COVID-19. Навистина ни значи што одвоија дел од своето време и ни се придружија за време на доделувањето на донацијата.
Исто така, им благодариме и на Премиерот Оливер Спасовски, Министерот за здравство, Проф. д-р. Венко Филипче и Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи за убавите зборови и искажаната поддршка.
На присутните, во име на четирите компании донатори се обрати г-дин. Ивица Јаќимовски, генерален директор на Golden Art и Претседател на градежната комора при ССК:
„Доколку едно нешто научивме од кризата со COVID-19 – тоа е дека подготовката е сѐ. Доколку сме подготвени денеска, ќе може да се справиме со се што доаѓа утре. Со таа цел, и имајќи ја во предвид неопходната потреба од зајакнување на здравствениот капацитет, компаниите Golden Art, Мега Куманово, Акустик ДОО и Greemak Group ја обезбедија оваа донација од 85 респираторни машини и 24 кислородни концентратори. Задачата која не беше ни малку лесна, да се донесат респираторните машини од Кина, ќе беше невозможна мисија да не беа одличните релации на компаниите Мега и Греемак со нивните тамошни партнери. Напорите кои како компании ги вложивме изминатиов период, се надеваме дека ќе придонесат да направиме голем исчекор напред во подобрувањето на македонското здравство. “, изјави Јаќимовски.