Тоа што живеете во мал простор никако не значи дека и декорот треба да е мал, а домот да нема стил. Следете ги овие неколку практични совети за да создадете дом кој сите ќе ги инспирира и во кој секој ден ќе Ви започнува со позитивна енергија.
Додајте „облини“ 🙂
Затоа што повеќето станови се со остри агли налик на кутија, секогаш е добро решение да имплементирате елементи со неправилни, заоблени агли. Изборот е огромен!
Осветлете!
Светол ќилим или под во светла нијанса ќе го освежат и визуелно ќе го прошират просторот.
Одберете завеси
Не мора да живеете со оние обични, безживотни ролетни, нивното место е во канцеларија! Големи завеси не само што ќе додадат драма и шик во просторот, туку ќе направат и тој да изгледа поголемо.
Не плашете се од слоеви
Спротивно на она што можеби го мислите, малите простори не треба да се лишени од луксузниот изглед на слоевито уреден кревет. Елегантна комбинација од бои, текстури и материјали може да создаде навистинско совршенство, без притоа да изгледа натрупано и загушливо.
Сè е во пропорциите
Освен ако не сакате да ставите акцент со голема софа, помалите парчиња мебел сосема уредно ќе се вклопат во малите простории – пропорционално и едноставно!
Чисто и проѕирно
Провидните маси и стаклените површини со својот отсјај и чистина доста ефикасно го прошируваат просторот, давајќи му отворен изглед.
Бидете практични
Кога се работи за навистина малечок простор, никако не треба да се лишите од кревет со полна големина. Денешните Марфи кревети се лесни за пуштање и собирање, а кога се собрани изгледа како никогаш да не ни биле во просторијата. Неодамна на блогот пишувавме токму за овие кревети, па доколку Ви треба инспирација, кликнете тука 😀
Играјте со светлината
Поставете светилки секаде каде можете. На тој начин ќе го одвлечете окото од само една точка и ќе создадете фокусни катчиња насекаде низ станот.
Приоритети, приоритети…
Затоа што малиот стан има ограничен простор, треба да испланирате за што да одвоите повеќе простор, а што да оставите за во иднина. На пример, ако работите од дома навистина е важно да имате доволно простор за она што навистина Ви е потребно.
Нека лебди!
Полиците се одличен избор за складирање на различни предмети токму поради тоа што кога не го допираат подот – делува како да не одземаат простор. Истото важи и за останатиот мебел – тенките ногарки создаваат визуелен впечаток на отвореност и широчина.