6 одлуки за новата 2016 кои одлучивме да ги почитуваме

colorful-room1

Да наздравиме за Новата година и за уште една шанса да го направиме вистинскиот избор! – Oпра Винфри

Нема сомнение, Опра оваа реченица ја кажала во контекст на подобрување на самите себе, но ние одлучивме да ја пренамениме и да ја насочиме кон подобрување на домот 🙂 Од досегашното искуство, донесовме 6 одлуки кои ќе придонесат Вашиот дом оваа година да биде во најдобро издание од било кога. Денес, Ви ги предлагаме како решение и за Вас.

И не – никогаш не е доцна за новогодишни одлуки, па дури ни на средина на јуни 😀

minimalist

1. Ќе се ослободам од непотребните предмети

Знаете што е тоа што ги прави становите кои ги објавуваме на блогот толку убави? Едноставно: не се пренатрупани со предмети. Кога чувате секакви работи дома, кои, мора да признаете – длабоко во себе знаете дека нема никогаш да Ви требаат, имате недостаток од простор за складирање и целиот дом делува хаотично, или уште повеќе – делува како продавница за сè и сешто. Англичаните имаат прекрасен збор за активноста која кога-тогаш мора да ја направите: „Declutter“ е глагол кој кај нас буквално би бил „однередување“, ама не сме тука за да измислуваме нови зборови, па затоа ќе одиме со старото добро – фрлање на сè што е непотребно. Знаете дека мора – денес е вистинското време за тоа.

Поминете преку секоја површина во секој дел од домот. Доколку Ви се чини претешко, поканете ги пријателите или ангажирајте ги сите во домот да ви помогнат. Ќе Ви биде тешко да се одлучите за некои предмети, но верувајте, многу ќе Ви биде полесно откако ќе завршите.

Направете три купови: „Донирај“, „Фрли“ и „Декорирај“. Носете брзи одлуки затоа што кога станува збор за предмети, најдобро е така. И, да се договориме, „Декорирај“ треба да е најмало купче, а не да го користите како изговор да зачувате што е можно повеќе работи 😀

Бидете „безмилосни“ за се што е скршено, расипано или едноставно – видело подобри денови, да Ви било навистина толку важно и потребно, сигурно ќе сте го поправеле досега. Исто така, не почнувајте веднаш со купување предмети за замена – нека ви стане правило да донирате еден предмет за сè што ќе купите.

color1

2. Нема да се плашам од бои

Мока, ванила, капучино и лате се супер кафиња, но знаат да бидат и малку досадни кога станува збор за мебел. За 2016, нека биде правило дека беж и крем не се бои, тие се основи. Дури и чистата бела е поинтересна и похрабра од овие нијанси.

Еден од најбрзите начини да си го трансформирате домот е со додавање боја. Обојте ѕид (или неколку ѕидови, сеедно). Додадете тапет на некое место или купете нова прекривка за гарнитурата за седење, интересни перничиња, забавен килим со интересен дизајн за да го обновите просторот за живеење.

bed-21

3. Ќе носам возрасни одлуки околу дизајнот

Кога велиме „возрасни“, не мислиме на Тетка Донка од „Големи и мали“ – тип на возрасни. Време е за пософистициран избор, како исфрлањето на кожниот тросед кој во дневната Ви стои уште пред 1980. Да, бил квалитетен и сте го платиле скапо, но најверојатно веќе го отслужил своето. На пазарот има секаков избор, за сечиј џеб, па не мора ни да го платите многу скапо. Има многу предмети во домот кои треба да ве служат со децении – троседот не е еден од нив.

Исто така, постерите од средно не се сметаат како уметнички дела за ѕидовите. Време е да се ослободите од нив 🙂

Други идеи за нови дизајн-одлуки вклучуваат:

  • Инвестирајте во квалитетен мебел, на прво место нека ви бидат креветите за спиење и душекот, потоа дрвенаријата, па сè останато. Доколку буџетот ве ограничува, не купувајте сè одеднаш, туку чекајте да го најдете она што најмногу Ви прилега – ќе бидете горди на себе штом ќе го комплетирате домот и ќе го прилагодите на Вашите потреби.
  • Завесите во животински принт се тргаат од прозорците, се ставаат на дното на шкафот и се вадат само за забави со тема „Сафари“, ако не планирате вакви забави – тогаш леопард и зебра предметите одат во купот „Фрли“. Истото важи и за прекривачот за кревет и постелнината. Доколку навистина, ама навистина мора да имате некој ваков предмет, нека биде еден, максимум два во целиот дом – и тоа што е можно помали.
  • Светилки во боја и диско топки се наменети за во диско и за забави – не за дома.

kitchen-floral1

4. Ќе мислам на малите детали

Деталите го прават домот целосен, а за тоа не Ви се потребни многу пари, туку едноставни, мали навики:

  • местење на креветот секое утро
  • користење постелнини – прекривки, чаршав и перници кои одговараат едни на други.
  • купување свежо цвеќе за на маса понекогаш
  • одржување чисти површини
  • купување на еден унифициран сет чинии, чаши и прибор за јадење. Доколку се плашите дека ќе се искршат, купете нешто што се продава на парче во продавниците.

Други детали се подмачкување на вратата за да ги нема оние иритирачки звуци, поправање на светлото кое трепка веќе една година, ставете силиконски налепници на вратичките од кујната за да не тропаат кога ќе се затворат. Почнете да работите дел по дел, и завршувајте ги работите. А кога сме веќе кај тоа….

main

5. Ќе завршам сè што имам започнато, или ќе се ослободам од тоа.

Ако домот почнува да Ви личи на галерија за направи-сам проекти кои не излегле како што треба, време е да бидеме реални. Фрлете го мозаикот од плочки кој го започнавте пред две години, или конечно посветете му се и завршете го.

Погледнете наоколу и бидете искрени со самите себе. Доколку навистина немате време да поправите или направите нешто – препуштете му ја работата на професионалец, или прашајте ги роднините дали предметот можеби ќе им треба.

tocka-177558

6. Внимателно ќе го изберам местото на живеење

Во овој случај, последната одлука е и најважна, бидејќи токму таа заокружува сè што споменавме погоре. Вашиот дом треба да е траен, изграден од најквалитетни материјали пријатни за средината и семејството, на соодветно избрана локација, со соодветна изолација и распоред по Ваша мерка.

Тука можеме да ви излеземе во пресрет со нашата понуда на станови и безрезервната помош и поддршка од нашиот стручен тим. Остатокот од приказната го пишувате самите 🙂

Тоа е сè драги наши, на Вас останува да ги приспособите овие правила на Вашите потреби и да се фатите за работа. Запомнете, домот треба да биде Ваше царство кое ќе ви овозможува лесно и брзо да минувате низ секојдневните обврски и најважно од сè – да Ви овозможи да бидете свои.