Секој има различни потреби за работниот простор, па многу од идеите за дизајн се далеку од „стандардна величина“. Сепак, тоа не значи дека е невозможно создавањето на просторија во која совршено ќе се концентрирате на работата, а нема ни да ја напуштите удобноста на сопствениот дом!
1. Создадете фокусни катчиња
Како што го замислувате дизајнот за канцеларијата, мислете на сите работи кои ќе треба да ги завршите. Доколку имате работа само со документација, задачата ќе Ви биде лесна, но доколку мултитаскингот Ви е секојдневие, или пак го делите просторот со други членови на семејството, не заборавајте да создадете мини фокусни катчиња кои ќе Ви служат за различни активности.
Важно е и да не заборавате на додатното место за седење кое ќе служи за разговор со клиенти или со другите вработени. Ова место треба да е удобно и неформално.
2. Не заборавајте на просторот за складирање
Одржувањето сè „под конец“ е многу голем предизвик, особено доколку често сте „закопани“ во хартии. Совршеното решение за ова е вклучување доволно простор за складирање во дизајнот, најлесно ќе Ви биде доколку како основа на димензиите е една канцелариска фасцикла како најчесто застапен елемент во секоја канцеларија.
Доколку Ви дозволува просторот, освен вградени ормари, отворените полици се лесен начин да измешате функционални предмети со декоратива.
3. Изберете неутрална основа
Колку и да ја сакате жолтата боја, теоријата на бои која во голема мера се докажала како ефикасна во дизајнот на ентериер вели дека жолтата боја предизвикува анксиозност. Од друга страна, сината смирува и релаксира, црвената поттикнува апетит и нервоза и т.н. Затоа, бидејќи намената на канцеларискиот простор е максимално да се посветите на задачата пред Вас, силните бои оставете ги за ситни предмети. Истото важи и за впечатливи принтови и тапети. Наместо нив одберете неутрална боја како основа на целиот дизајн.
4. Акцентирајте со лични предмети
Исто колку што е важно да се концентрирате на работа, толку е важно и да уживате и да се чувствувате исполнети во просторијата. Не заборавајте да додадете неколку предмети кои ги сакате и кои го нагласуваат Вашиот личен вкус.
Најлесен начин да го направите ова е да дозволите вашите предмети да служат како основа за акцентските бои на предметите кои ќе ги распределите низ просторот.
5. Внесете ја надворешноста
Истражувањата покажуваат дека луѓето под дејство на дневна светлина се многу попродуктивни и покреативни во работата. Затоа, доколку просторот Ви дозволува, поставете го бирото под прозорецот и изберете завеси и ролетни кои не го попречуваат погледот. Друг начин да го извлечете максимумот од Вашата продуктивност е да додадете зеленило на неколку точки низ канцеларијата, најдобар избор за тоа се аглите кои ги имате во видното поле додека работите.