Стил и елеганција во стан од 94 метри квадратни

Modern-Style-of-Man-Choice-2-Apartment-02

Станот кој го подготвивме за да ве инспирираме денес припаѓа на брачен пар со навистина префинет вкус, а ова е отсликано во многуте детали кои кои го красат секое ќоше од просторот.

Основната палета на ентериерот се состои од природни тонови, надополнети со дрвени елементи кои внесуваат топлина и димензија во целината. За уредување е искористен мебел кој е совршена мешавина од остри и заоблени линии, од меки и цврсти материјали, како и мазни и груби површини. Кадифената гарнитура и металните масички и столови, мекиот ќилим и украсните фигури од камен и керамика, изложената цигла во црна боја и дрвото – сите овие елементи заедно прават целина која делува екстравагантно, уметнички, но и удобно во исто време.

Касите на вратите, како и плафоните се обработени со тридимензионални рамки кои додаваат длабочина на веќе динамичниот простор. Ѕидовите се обоени со ефект на бетон, истакнувајќи ја грубата страна на дизајнот.

Секогаш кога имате open-plan дневна со кујна и трпезарија, ако сакате кујната да се вклопи во просторот, добра идеја е нејзината боја да ги следи елементите на дневната. Во овој стан тоа е постигнато со црни сјајни површини во кујната и ормарчиња без рачки кои ги сокриваат стандардните елементи во кујната, па така таа се претопува во просторот и изгледа како дел од целото, а не само кујна.

Вистинско уметничко дело кое го отсликува духот на сопствениците е бањата, со еден стаклен ѕид и рамка кои ја прават да изгледа буквално како музејски експонат. Дизајнот на плочките е ист како во кујната и ходниците, со црно-бел разигран дезен.

Како и остатокот од просторот, спалната е далеку од класична. Вметната во еден поголем отворен простор, спалната е поврзана со домашната канцеларија и гардероберот, а визуелно е одвоена од  просторот со помош на уникатна рамка во црна боја.

Целиот стан има толку многу уникатни елементи, па навистина тешко е да се одвои само еден кој отскокнува. Кои се вашите омилени детали? Уживајте во галеријата!