Функционален и практичен дом со една спална соба (46м2)

Apartment-in-Singapore-03

Кога станува збор за уредување на помали станови, постои едно златно правило со кое не можете да згрешите – на мал простор одговараат мали парчиња мебел со едноставни линии.

Ова правило успешно го имплементирале сопствениците на станот за кој ќе пишуваме денес. Со површина од само 46 метри квадратни, можеби ќе помислите дека функционалноста ќе биде ограничена, но овој дизајн го докажува сосем спротивното.

Дизајниран во светли нијанси од кои доминираат белата и сивата, просторот вклучува оpen-plan дневна соба со кујна и трпезарија, спална соба, малечка остава која е претворена во работна соба, тераса и бања.

Дневната е сосем едноставвна, со една софа која се расклопува и се претвора во гостински кревет за спиење, ТВ комода со голем телевизор, кујна која со помош на вратички се сокрива од видик и трпезариска маса за четворица. Сопствениците направиле и простор за чување на велосипедите на терасата, со што не мораат да се грижат дека домот ќе биде пренатрупан со предмети.

Осветлувањето во целиот дом игра навистина голема улога, па така различни типови на светилки се поставени на повеќе места како акцентски детаљ.

Спалната соба се издвојува од дизајнот бидејќи за нејзино уредување се искористени дрвени панели, па на тој начин просторијата делува топло, удобно и природно.

Погледнете ги сите слики од галеријата: